Се прошируваат и реорганизираат болничките капацитети во државава за третман на пациентите хоспитализирани поради КОВИД-19 и се поголемиот број заразени со вирусот, кој во изминатите денови изнесува над 2.000.
Истовремено, со одлука на Владата, пак, од синоќа е намален периодот на изолација или карантин поради КОВИД-19 за асимптоматските случаи и з алицата кои биле во контакт со заразен.
Клиниките за кожни болести и за неврологија наредните денови повторно треба да почнат да работат како ковид центри, а во ГОБ „8 Септември“ да се отвори дополнителен ковид оддел, препорача Комисијата за заразни болести на вчерашната седница на која беше разгледувана најновата епидемиолошка состојба во државава.
Истовремено, Министерството за здравство ги задолжи универзитетските клиники, Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза кај децата Козле-Скопје и Специјалната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“, при зголемување на бројот на новозаболени, а на кои им е потребна хоспитализација, да бидат организациски подготвени за спроведување на здравствениот третман на КОВИД пациентите.
Во однос на медицинскиот персонал, јавните здравствени установи се известени и задолжени да назначат лица – среден медицински кадар за вклучување во работата на КИБФС (медицински сестри и болничари).