Од таа 2018 година, од моментот кога исчезна моето дете Пино Секондо, јас немам живот. Да, жива сум, функционирам, но родителите кои изгубиле дете знаат каков е тој живот и како ми се кине душата со секој нов здив. Загубата на чедото те раскинува, ама раскинува и чекањето на некаква правда, ако може тоа така да се нарече-во телефонски разговор за ,,Фокус” појаснува Маја Трпковска, мајка на Пино, кој беше свирепо убиен кон крајот на 2018 година, а неговото тело беше случајно пронајдено во април 2019 година.
За убиството се гони Фуркан Али, кој е во бегство, а Ангела Ѓорѓиевска е осудена на 19-годишна затворска казна поради помагање во извршување на убиството и во моментов ја отслужува казната.
Мајката вели дека ништо не може да го врати назад нејзиното дете, а неправдата која им се случи никогаш нема да престане да им тежи. Прашува како може убиецот се уште да е на слобода, никој да не знае каде е, и вели дека нема да дозволи случајот да падне во заборав.
-Мојот сопруг, таткото на Пино, си замина од овој свет, не дочека да го види убиецот на нашето дете зад решетки. Јас сум мајка на Пино, но тој му беше и татко и најдобар другар. Додека траеше потрагата, кога јас постојано излегував пред македонската јавност, мојот сопруг само еднаш даде интервју, и тоа за медиум од Италија.
Добро му беше познато како се функционира во Македонија, беше сведок на секојдневни нелогични настани кои во Македонија се вообичаени, а никаде во светот не можат да поминат туку – така, затоа и немаше доверба во никого, ниту во институции, ниту во закони. Поради тоа, тој молчеше во Македонија…
Загубата на синот, посебно на начин на кој се случи, сите не уби. Ми почина сопругот тивко, во мојата прегратка, се прегрнавме и тој ги затвори очите и не се разбуди, останувам сама да се борам за правдата и вистината да излезат на виделина.
Мајка сум, никогаш нема да се откажам од борбата. Убиецот си го живее неговиот живот, за сето ова време кое измина, тој е на слобода, сигурно веќе си има изградено нов живот, можеби ќе си формира и семејство, а Пино каде е? И зошто? Правда барам, одговори барам. За да започнеш нов живот во странство, потребни се пари, кој го финансира убиецот на син ми, додека тој си живее како ништо да не се случило? Уште колку време треба да помине, за да тој биде фатен и изведен пред лицето на правдата?– прашува Маја.
Во времето кога Пино се водеше за исчезнат, таа беше една од ретко гласните мајки, која организираше низа на протести и неброено пати се појави во јавност, со апели институциите сериозно да си ја сфатат и работат работата,но и да се променат законите во земјава, од кои повеќето само уште повеќе им ја зголемуваат маката на оштетените.
-Читав завчера за случајот во Македонија, за двете момчиња кои загинале во сообраќајка во Охрид, а возачот кој ја предизвикал сообраќајката поради пребрзо возење добива само условна казна. Не можам, а да не реагирам на такви нелогичности, на такви пропусти кои ги дозволуваат законите во Македонија. Семејства се завиени во црнина, а на виновниците им се суди како за некаков минимален прекршок. Каде го има тоа? Се мисли ли на болката на оштетените? Децата никој нема да им ги врати назад, но барем да се помисли на нивните фамилии. Постојано повторувам дека законите мора да се менуваат, без тие коренити промени, оваа земја никогаш нема да има напредок – раскажува мајката.
Додава дека не дозволува да се заборави името на Пино, на она кое му се случи, на животот кој му беше одземен без причина, на тоа дека убиецот се уште е на слобода, но потсетува и на сите оние млади луѓе во Македонија кои исчезнале без траг, и чии имиња со тек на време паѓаат во заборав од јавноста.
-Марија од Струмица, Иле Од Демир Капија, Александар, Љумани, да не се дозволи да паднат во заборав тие млади луѓе! Да се борат нивните семејства за правда, да ја бараат вистината! Да не дозволат никој и ништо да ги обесхрабри! Во контакт сум со многу родители кои трагаат по своите деца, си даваме поддршка и утеха, нивната болка е и моја болка. А надлежните служби, сериозно да се зафатат со реформи, во целиот систем, во сите закони кои дозволуваат овој народ да биде постојано желен за правда!
Може ли една мајка која го изгубила чедото, ниту криво ниту должно, да биде задоволна со затворска казна од 19 години за виновникот? Па дури и случајот го враќаа на повторно судење, да ни ги расчепкаат раните! Што се 19 години во споредба со одземен живот? Какви се тие закони кои го дозволуваат тоа? Апсолутно ми е неважно која политичка партија е на власт, овој народ е желен за правда, за владеење на правото, за фер судство, за достоинствен живот –вели Трпковска.
Додава дека со помалиот син останува да живее во Италија. Во Македонија вели, по се што доживеала со семејството, не помислува да се врати, но сака да верува дека еден ден ќе започнат позитивните промени во земјава.
Вики Клинчарова