Се повеќе заразени лекари и медицински персонал, ќе нема кој да работи

by Fokus

Во ковид центрите на скопските клиники врие од пациенти,  во моментот атмосферата е хаотична, а уште пострашно е и тоа што повеќето од лекарите и медицинскиот персонал се повторно заразени, па ќе нема и кој да работи, потврдија од Градската болница „8 септември“ за „Фокус“.

Тоа не го кријат ни дел од лекарите кои раководат со ковид центрите, кои ја споделија моменталната алармантна состојба.

Точно е дека омикрон варијантата има полесна клиничка слика, но кај нас се многу пациенти и со делта сој и со грип. Ние не правиме типизација, па не знаеме кој на кој сој е носител. Ситуацијата во болницата е хаос. Само во еден ден до 13 часот имаше 140 лаборатории и преку 100 прегледи, а каде е цел ден.

 

На Одделот за интензивна нега има куп хоспитализирани тешки пациенти, како и на инфективното одделение. Најмногу во овие денови доаѓаат од Гевгелија, Прилеп, Крива Паланка“, објаснува во изјава за „Фокус“, доктор Даниела Буклиоска, интернист во ковид центарот на Градската болница „8 Септември“.

Таа додава дека работат со се помалку персонал бидејќи повеќето од лекарите и медицинските сестри се повторно заразени.

Се очекува овој наплив на пациенти да трае цел јануари, па како што тргнало може и февруари. Само не знам како ќе продолжиме вака. Сите доктори на Инфективно одделение се заразени, само еден не е. Исто така, заразени се и повеќето анестезиолози.

 

Голем дел од нив се прележани и вакцинирани и пак се инфицираат. Ангажирани се сите други специјалности за да може да се постигне, и хирурзи и специјалисти. Немаме персонал кој ќе работи, а нема испомош и од другите болници“, вели доктор Буклиоска.

Досега во земјата се направени вкупно 1.710.444 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 245.398, бројот на оздравени пациенти е 220.886, на починати е 8.115, а бројот на активни случаи изнесува 16.397.
Ирена МУЛАЧКА

Поврзани новости