Се повеќе млади жртви на Ковид 19, почина и 24-годишно момче од Крива Паланка

by Fokus

Дваесет и четиригодишно момче од Крива Паланка починало  од Ковид 19 на скопската Клиника за инфективни болести, неофицијално дознава „Фокус“.

Според нашите информации, момчето пред десетина дена правело свадба, но никој не кажува како и од каде се заразило.

Од министерство за здравство  ги потврдија информациите на „Фокус“ дека денеска на Инфективната клиника починало 24-годишното момче.

„ Точно е дека момчето починало на Клиниката за инфективни болести. Не бил вакциниран. Тоа ќе биде објавено во утрешниот извештај на министерството за здравство. Момчето имало прекумерна телесна тежина – истакнаа од ресорното министерство.

Но, тоа не е се. Како што дознаваме, денеска во една од приватните болници починала и 25-годишна девојка.

Тоа што е најстрашно во целата приказна, е што во последниот период се повеќе млади луѓе се на удар на Ковид 19.  Пред само два дена на Клиниката за инфективни болести во Скопје почина 15-годишно девојче од тетовското село Селце.

Од министерството за здравство тогаш објавија дека пациентката со тешка клиничка слика била префрлена на клиниката, откако 13 дена претходно била со симптоми на болеста.

Доктор Злате Мехмедовиќ во интервју за „Фокус“, исто така потврди дека и децата и младите се повеќе се на удар на новиот делта сој.

„Агресивноста на делта варијантата се гледа и во тежината на болеста, многу поголема е потребата за кислород и за интензивно лекување, а се поголема е и бројката на заболени во старосната група помеѓу 18-49 години.  Децата исто така не се поштедени, и кај нив може да се јават пулмолошки компликации, но и компликации на мозокот во форма на енцефалити – вели доктор Мехмедовиќ.

Ирена Мулачка

 

Поврзани новости