Голем број македонски граѓани последниве години го изучуваат германскиот јазик, со цел да аплицираат за стипендии или да најдат работа во Германија, земја со најмоќната економија, пишува сајтот „Фактор“.
Ова за „Фактор“ го потврдуваат и од училиштата за странски јазици ширум Македонија. Оттаму велат бројот на луѓе кои посетуваат часови по германски расте. Додаваат дека ако порано јазикот се учеше од љубов, сега се учи од практични причини за обезбедување на подобар живот и работа во странство. Јазикот го учат луѓе од различни професии и студенти.
„Оваа година имаме сто луѓе на курс, исто колку и лани. Имаме меѓу нив студенти од медицина, фармација кои сакаат да заминат на доусовршување во Германија. Интерес имало и порано, но се смени целната група. Тогаш јазикот се учеше од желба, а сега од потреба“ – вели Маја Грунчевска од училиштето за странски јазици „Гете“ од Скопје.
„Фактор“ пишува дека во последните пет години над 20.000 македонски државјани се преселиле во Германија. Претежно се работи за млади луѓе кои не гледаат иднина во Македонија. Овој тренд расте од 2009 година наваму.