Шест нови случаи на корона вирус денес се регистрирани во Кавадарци, информираат од Центар за јавно здравје Кавадарци. Од нив, четворица се мажи и две жени, на возраст од 21 до 58 години.
-Само двајца од новите пациенти наведоа дека имале контакт со веќе позитивно лице, останатите четири пациенти не знаат од каде се заразиле. Имаат симптоми и остануваат на домашно лекување, велат од центарот.
Изминатава недела повеќе лица од Тиквешијата, позитивни на Ковид-19 завршија на болничко лекување, на Инфективно одделение во велешката болница. Вчера беше хоспитализирана 60-годишна жена, пред три дена тројца пациенти на возраст од 68 и 72 години од Кавадарци, и пациент од Неготино на возраст од 55 години. Пред четири дена пак, пациент од Кавадарци на возраст од 50 години, исто така беше хоспитализиран поради потешка клиничка слика.
Од центарот појаснуваат дека лицата се хоспитализирани бидејќи имале потешки симптоми, некои поради возраста и други здравствени состојби, а некои развиле и бронхопневмонија. Според последните информации од МЗ, во Кавадарци има 47 активни случаи на вирусот, а од почетокот на пандемијата се инфицираа 247 лица. Во Неготино активни се осум случаи, а досега се инфицираа 55 лица.
Вики Клинчарова