Се посветив на биологијата, затоа ме немаше многу во медиумите – вели фолк-пејачот Горан Тодоровски

by Фокус

Фолк-музичарот Горан Тодоровски промовираше двоен албум. Тој вели дека поводот за издавањето на албумот насловен „Една по една“ е неговото 25-годишно присуство на естрадата, поради што сака да и даде награда на публиката која му останала верна сите изминати години.

-На првото це-де има 12 нови песни, зад кои освен мене се потпишуваат Сашо Ливрински, Огнен Неделковски, Орце Зафировски, Дејан Миленковски и Ице Беличев. Второто це-де има 19 песни, и е компилација од претходните носачи на звук и фестивалски изданија од изминатите 25 години. Ова е мојот осми албум со кој одлучив да го одбележам 25-годишниот јубилеј, но и да ја наградам публиката со нови песни, и со оние моите, најуспешните – раскажува Тодоровски.

На прашањето на што се должи неговата слаба присутност на сцената во изминатите години, тој одговара дека како автор соработувал со своите колеги, но се посветил и на својата професија, како наставник по биологија.

-Можеби изминативе години не бев баш најприсутен во медиумите, но како автор соработував со други колеги. Се посветив повеќе и на просветната дејност како наставник по биологија. Сега, планирам видео записи за сите нови песни. До овој момент готови се два музички спота за песните „Црно – бела љубов“ и „Лево – десно“, а истите веќе се емитуваат на електронските медиуми. Објавени се и на мојот Јутјуб канал- ни изјави музичарот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости