Се полага државната матура, министерот за образование во посета на училиштата во Струга

by Fokus

Со тест по мајчин јазик, вкупно 14.834 ученици го започнаа полагањето на државната матура во учебната 2023-2024 година.

По овој повод, министерот за образование и наука Јетон Шаќири ги посети струшките средни училишта „Нико Нестор“ и „Др. Ибрахим Темо“ каде, посакувајќи им успех на матурантите, рече дека очекува процесот да помине во најдобар ред, затоа што истиот е пракса веќе 16 години.

„Клучна новина годинава е тоа што учениците полагаат во пошироки просторни услови, односно во холовите и салите на своите училишта, или во најблиското каде има соодветни услови, наместо како досега во училниците. Идејата е да се обезбеди поголема транспарентност и објективност на процесот“ – посочи Шаќири.

Тој додаде дека оние кои се вклучени како набљудувачи и тестатори во државната матура, на овој начин имаат полесна контрола и увид во однесувањето на учениците за време на полагањето и како што рече, очекува да бидат елиминирани обидите за манипулации и злоупотреби одредени начини или помагала при пополнувањето на тестовите.

Согласно Концепцијата за матура и завршен испит, учениците и годинава полагаат 2 екстерни предмети, 2 интерни предмети и подготвуваат проектна задача. Задолжителен за сите е мајчиниот јазик и тој се полага денес, додека следниот испит ќе биде на 8 јуни.

Прелиминарни резултати ќе има најдоцна на 8 јули, односно 30 дена од полагањето на последниот испит, по што ќе следи можноста за поднесување приговори.

Државната матура се спроведува од 2008 година, како законска обврска и услов за упис на високообразовна установа.

Во процесот, годинава вклучени се 2.000 наставници како тестатори и околу 250 набљудувачи од државните институции.

Поврзани новости