На седница на Советот на Општина Маврово и Ростуше било одлучено, и до Владата била поднесена информација со барање за прогласување кризна состојба на целата територија на општина поради проблемот со зголемено присуство на кафеава мечка.
„Во Маврови Анови, по иницијатива на ЈУНП ‘Маврово’, се одржа средба со претставниците на месните заедници од општина Маврово и Ростуше, претставници на МЗШВ, МЖСПП, градоначалникот и претставници на Советот на Општина Маврово и Ростуше, претставници на МВР, ЈПКД ‘Маврово’, како и пратеничката во собранието на РС Македонија, г-ѓа Белкиса Зекири. Главната причина за организација на средбата беше актуелниот проблем со сè почестата појава на кафеавата мечка во населените места и последните пријавени случаи на влегување на мечката во приватни куќи и дворови на жителите на општината. На средбата свои излагања имаа претставниците на сите институции, а за своите проблеми зборуваа и претседателите и членовите на месните заедници од општината. Во обемната дискусија се потврди дека е евидентна пренаможеност на кафеавата мечка како на територија на паркот така и на целиот потег на Шар Планина и ова станува сè поголем проблем за населението“, се вели во објава на социјалните мрежи.
На седницата бил изнесен податок дека на територијата на НП „Маврово“ би требало да има 70-ина мечки, но во моментот врз основа на постојните неофицијални податоците се проценува дека таа бројка е далеку поголема и изнесува од 130 до 160 единки.
„Претставниците на министерствата ја потенцираа потребата од почитување на постојните закони, како и обврските што институциите ги имаат преземено во согласност со европските законски регулативи и притоа се согласија дека состојбата мора да се третира и многу бргу да се дејствува преку носење нови законски решенија, изготвување акциски план и итно спроведување дополнителни мерки за заштита и превенција, кои ќе ја намалат опасноста за животот на луѓето. Откако се утврди дека повеќе од неопходно е брзо дејствување и изнаоѓање конкретни законски решенија во случај на појава, т.е. навлегување диви животни во населените места и притоа беше констатирано дека оваа постапка, иако е веќе почната, може да трае од 1 до 2 месеца, се донесе заклучок со кој се повикуваат советниците на Општина Маврово и Ростуше во најкраток можен рок да организираат вонредна седница на собранието на Општината. Советот на Општината од страна на Владата на РС Македонија, т.е. повиканите надлежни институции, ќе побара прогласување кризна состојба на територијата на општината“, се наведува во напишаното.