Иван Иванов, син на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, изминативе денови беше актуелен во јавноста по објавата на убавата вест, дека со сопругата Јана Кочова го добиле своето прво дете, син.
Единецот на Маја и Ѓорге, кој во минатото, за време на претседателскиот мандат на неговиот татко беше препознатлив по кадравата коса и по големата љубов кон музиката и свирењето гитара, периодов се појавува во јавност во сосема поинакво издание, со кратко потстрижена коса, но и со променет моден стил, каде преовладува класиката, односно оделото, кошулата и вратоврската.
Она кое се знае за Иван е дека работи како професор на Балканскиот интернационален универзитет, но и дека лани во октомври заплови во водите на пишаниот збор и ја промовираше збирката ,,Невино време”.
Извадоци од неговата стихозбирка се објавуваат на социјалните мрежи наменети за македонската поезија, и впечатливо е дека неговите стихови најчесто и се посветени на татковината, на родољубието, но и гневот од моменталните случувања во државата.
-Дојдете вљубеници во родот свој,
Дојдете да си повториме.
Од историјата ние поука не извлековме
И во истите стапици доброволно влетавме.
Дојдете земјаци,
Секој со алатот свој
Република одново треба да се гради
Ко што на стари темели пак храмови никнат.
Дојдете како што е ред
Дојдете, јас ве молам
Да откопаме под урнатините животворни мошти
Што се таложеле во веки веков па над векои и
за навек.
Дојдете, долетајте
Побрзајте, не искушувајте се
Овде на вистината ѝ требаат соборци,
На црвената пролет нови пркоси- е извадок од неговата поема насловена ,,Наместо манифест” која многумина ја протолкуваа како еден вид на повик за револуција и будење.
Со самото тоа, се наметнува прашањето, дали можеби младиот Иванов планира да тргне по стапките на својот татко и наскоро да стане дел од политичкиот живот во земјава.
Неговото гостување во ТВ емисија, во февруари годинава, каде ги сподели своите гледишта за актуелната состојба во земјава, за причините поради кои младите заминуваат во странство и за промената на името, само уште повеќе ги подгреаа шпекулациите дека тој се подготвува за влез во политиката.
Момчето кое до пред неколку години најчесто го гледавме на музички настани, со гитара во рака, па дури и како диџеј, со своите последни јавни појавувања покажа дека е веќе зрел и амбициозен маж, со одлични говорнички способности, кој можеби само го чека вистинското време за да се испроба како политичар.
Вики Клинчарова