Се пишмани ли Владата за ограничувањето на маржите: Трговците со свои предлози, конечна одлука следната недела

by Fokus

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши заедно со директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски и претставници од Комисијата за заштитa од конкуренција одржаа состанок со претставниците на најголемите трговски ланци и дистрибутери во државата по повод предлогот одлуката за ограничување на бруто профитната маржа на 10% во трговија на големо и 10% во трговија на мало на дел од основните прехранбени производи и средства за хигиена.

– Трговците и дистрибутерите дадоа свои предлози и забелешки кои Министерството за економија и труд дополнително ќе ги анализира. На состанокот беше договорено конечната одлука да се донесе во текот на следната недела, информираа од Министерството за економија и труд.

По зголемувањето на цените на храната и двата граѓански бојкоти, во вторникот Владата на седница го задолжи Министерството за економија да подготви Предлог-одлука за ограничување на бруто профитната маржа на 10 проценти во трговијата на големо и во трговијата на мало на дел од основните прехранбени производи, средствата за хигиена и бебешката храна.

Со Предлог-одлуката требаше да бидат опфатени основните прехранбени производи на истите 73 групи на производи кои беа во претходните кошници, но и детергентите, бебешката храна и други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа, а се дел од основните потреби на граѓаните.

Ваквата одлука се темелеше на шестмесечниот извештај од Државниот пазарен инспекторат, според кој кај трговците на мало беше утврдено дека има над 20 отсто маржа на основните прехранбени производи и над 30 отсто маржа кај средствата за лична хигиена, додека кај увозниците и дистрибутерите се евидентирани повисоки маржи кои одат дури и до 50 отсто.

Трговците формираа пред неколку дена своја Стопанска комора преку која ги артикулираа своите барања и се заканија дека со одлука за замрзнати маржи ќе мора да донесат рестриктивни одлуки како отпуштање на вработените и затворање на маркетите.

„Штетите ќе бидат големи, бидејќи во прашање се доведува опстојувањето на 86 трговски фирми, со 790 продавници и 4700 вработени. Овие податоци, како Влада сметаме, треба да Ве загрижуваат.

Нашето опстојување, е оптоварено и со останатите давачки, како на пример, цената на електричната енергија јануари 2024 – јануари 2025 е зголемена за 72%, за дистрибуција 25%. Платите, во 2024 споредено со 2023 година се зголемени околу 20%, а од март ќе има ново покачување, а трошоците за платите се движат од 12 до 15%.

Освен овие, да ги споменеме и другите комунални давачки, сервисирање на опремата со која работиме. Сите овие оптоварувања, немаме можност да ги издржиме со бруто-маржа од 10%, односно нема да можеме робата да ја ставиме на рафт, а не да ги услужуваме нашите потрошувачи.

Односно, со 10% бруто-маржа, не можеме да ги покриеме оперативните трошоци, кои се движат од 15-20%. Како Стопанска комора, ја оспоруваме оваа одлука, за ограничување на маржите на 10 проценти, во целост и бараме итно, да се најде заедничко решение, за оваа состојба“, рекоа од комората на трговците.

О.К.

Поврзани новости