Се зголемува капацитетот за хоспитализација на пациенти со Ковид-19 во рамки на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и во ГОБ „8 Септември”. Пуштен е во употреба дел од Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) со 25 болнички кревети, соопшти Министерството за здравство.
На Клиниката за пластична и реконструктивна хрургија и на Клиниката за торакална хирургија обезбедени се 50 болнички кревети. Клиниката за торакална хирургија продолжува со нормална работа за итни случаи, а хируршките интервенции во моментов се редуцирани и се изведуваат само итни операции и операции на малигни состојби.
Делот од патологија на Клиниката за пластична хирургија се пренесува во Клиниката по хирушки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје. Дополнителен капацитет за прием на пациенти со Ковид се подготвува и на Клиниката за кардиологија, каде за болните со ковид ќе бидат обезбедени 50 кревети. Со оваа реорганизација капацитетот во Клиничкиот центар се зголемува за 100 кревети.
Во ГОБ „8 Септември“ ќе се отвори одделение со дополнителни 25 болнички кревети за ковид пациенти. Во болницата ќе се немали хируршкиот програм и ќе се вршат само итни операции и операции на малигни болести кои се неодложни.
Во ковид одделите во внатрешноста има доволен број на болнички кревети и капацитетите во болниците не се оптоварени, стои во соопштението.