Фризерските салони кои беа затворени поради корона вирусот, деновиве по намалувањето на полицискиот час ги отвораат своите врати и почнуваат со работа. Поголем дел отворија денеска, а дел планираат тоа да го направат следната недела.
Најголемиот дел од фризерските салони престанаа со работа пред повеќе од еден месец, со цел да го спречат ширењето на корона вирусот, да се заштитат себеси и клиентите. Од Владата немаше наредба за затворање на фризерските салони, туку беа наложени мерки за заштита, како носење маски.
Денеска со работа почна и салонот „Бјути Корнер“ во Кисела Вода. Сопственичката Мими Стојаноска за „Фокус“ објаснува дека и покрај тоа што од тоа им зависела егзинстенцијата, решиле самоинцијативно да ги затворат салоните.
-Тоа го направивме пред се поради нашето здравје, здравјето на нашите клиенти и секако да спречиме допонително ширење на вирусот, иако немаше одредба со закон за затворање на нашиот сектор. Сега кога се разлабавија мерките, одлучивме да ги отвориме салоните, бидејќи претрпевме многу големи загуби. Се околу нас се менува, па мора да ги прифатиме промените и така да функционираме. Со преземање на сите мерки со кои ќе ги заштитиме клиентите и себеси, вели Стојаноска.
Таа додава дека со оглед на тоа што во изминатиот период не оствариле никакви приходи, помошта што ја понуди Владата од една минимална плата по вработен, нема да биде доволна за да ги покријат трошоците.
Оваа помош фирмите може да ја искористат почнувајќи од месец април, што значи дека ќе им стигне во мај.
Од фризерискиот салон „Попај“ кој исто така денеска почна со работа, за Фокус велат дека кризата лошо влијаела и било тешко, но успеале да ги задржат сите вработени во двата салони.
-Не отпуштивме вработени, бидејќи и тие имаат фамилија. Кога се беше нормално тие се трудеа за нашиот бизнис и не би било фер да ги избркаме. Денеска почнуваме со работа, но ништо нема да биде исто како порано, велат од салонот „Попај“.
Додаваат дека ќе работат како и сите други салони, под посебни мерки за заштита кои се наложени поради пандемијата со корона вирусот. Апелираат и клиентите да бидат свесни и да се придржуваат до мерките.
К.С.