Поранешната премиерка на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн денеска на приватна церемонија се омажи за својот долгогодишен партнер Кларк Гејфорд.
Во 2022 година Ардерн ја откажа церемонијата поради коронавирусот.
Ардерн (43) и Гејфорд (47) се верија во мај 2019 година и требаше да се венчаат на почетокот на 2022 година, но церемонијата беше откажана поради нејзиниот пристап кон пандемијата, која вклучуваше брза и решителна акција против коронавирусот, дозволувајќи му на Нов Зеланд да одржи ниска смртност.
Таа стана глобална икона на левичарската политика и беше премиер од 2017 до јануари минатата година. Ардерн е една од двете жени кои родиле бебе додека биле на јавна функција и ја однеле својата ќерка на состанок на Обединетите нации.
Венчавката се одржа во винаријата Креги Ренџ на источниот брег на Северниот остров, околу 310 километри северно од главниот град Велингтон, изјави нејзиниот портпарол.
Официјалните фотографии го прикажуваат насмеаната Ардерн во бел фустан, додека Гејфорд носеше црн костум. Тие се венчаа пред околу 50 до 75 гости.
Меѓу гостите беше и нејзиниот наследник на премиерската функција, Кристофер Луксон, како и лидерот на опозицијата Крис Хипкинс, пишува „Њу Зеланд Хералд“.