Во одредени делови на Босна и Херцеговина се блокирани патните правци поради обилните врнежи на дожд, додека во Бања Лука е прогласена вонредна состојба. Во некои општини, пак, е прекината училишната настава, пренесуваат локалните медиуми.
Градоначалникот на Бања Лука прогласи вонредна состојба во шест населени места. Поплавите во овој дел од земјата срушија привремен пешачки мост, а после полноќ се огласија и сирените за тревога.
Министерството за образование и култура на Република Српска ја прекина наставата во местата каде е прогласена вонредна состојба. Поради излевање на реките се препорачува и во другите општини децата да не одат во училиштето, се додека не се стабилизира невремето.
Општините Босанска Крупа и Сански Мост во западна БиХ, прогласија состојба на природна катастрофа поради поплавите, а полицијата во општината Добој Југ синоќа ги евакуираше жителите на селото Матузиќи, чии домови се наоѓаат покрај реката Усора, која се очекува да се излие од коритото.
Фото: Al jazeera