Палестински Хамас се огласи за првпат по ликвидацијата на Јахја Синвар, нивниот лидер.
Највисокиот политички лидер на Хамас, Калил ал Хаја, денеска ја потврди смртта на водачот на групата, Јахја Синвар.
Во телевизиска изјава тој го повтори ставот на палестинската милитантна група дека нема да ги ослободат израелските заложници што ги заробија во нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година, додека не дојде до примирје во повеќемесечната војна во Газа.
„Тие затвореници нема да се вратат пред крајот на нападот врз Газа и повлекувањето од Газа“, рече тој, пренесе АП.
Се огласи и либанската милитантна група Хезболах, која вети дека ќе започне нова фаза од борбата против Израел, еден ден откако израелските сили во Газа го убија Јахја Синвар, главниот архитект на минатогодишниот смртоносен напад врз Израел.
Хезболах од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас речиси секој ден стрела ракети кон Израел.
Хамас и Хезболах се поддржани од Иран, кој го прогласи Синвар за маченик кој може да ги инспирира другите да се спротивстават на Израел.
Израел вети дека политички ќе го уништи Хамас во Газа, а убиството на Синвар беше висок воен приоритет.
Еден од политичките лидери на Хамас во странство рече дека Израел е во заблуда ако „верува дека убиството на нашите лидери значи крај на нашето движење и борбата на палестинскиот народ“.