Обидот за убиство на поранешниот американски претседател Доналд Трамп беше овозможен од неговите политички противници, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„По многубројните обиди да се отстрани кандидатот Трамп од политичката арена, користејќи на почетокот правни инструменти, судови, обвинителство, обиди за политичка дискредитација и компромитирање на кандидатот, на сите надворешни набљудувачи им беше очигледно дека неговиот живот е во опасност“, рече Песков.
Москва „не верува дека обидот за елиминација и атентат на Трамп бил организиран од актуелните власти“, рече Песков, но додаде дека „атмосферата околу кандидатот Трамп го предизвика она со кое се соочува Америка денес“.
„Русија отсекогаш осудувала и ние силно го осудуваме секое изразување на насилство за време на политичката борба“, рече Песков. Тој додаде дека рускиот претседател Владимир Путин не разговарал со Трамп и не планира да му се јави.
Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев изјави дека Трамп „веќе победил“ на претстојните претседателски избори во САД.