Се огласи Кремљ по објавата на писмото на Зеленски:„Имаме позитивен став“

by Fokus

Кремљ позитивно ја оценува подготвеноста на украинскиот претседател Володимир Зеленски да преговара за мир, што тој го изрази во писмо до американскиот претседател Доналд Трамп, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Тој, сепак, потсети дека указот што претходно го потпиша Зеленски, со кој се забрануваат преговори со Путин, сè уште е во сила, пренесува Интерфакс.

- Advertisements -

– Имаме позитивен став. Прашањето е со кого да седне (на преговарачка маса). Засега останува на сила правната забрана украинскиот претседател да води преговори со руската страна. Значи, генерално кажано, пристапот е позитивен, но нијансите се уште не се сменети – оцени Песков.

Трамп, во своето обраќање пред Конгресот, рече дека Зеленски му испратил писмо во кое ја изразува својата подготвеност да преговара за мировно решение.

– Во писмото се наведува дека Украина е подготвена што поскоро да седне на преговарачка маса за да се приближи до траен мир и дека никој не сака мир повеќе од Украинците. Зеленски, исто така, напиша дека тој и неговиот тим се подготвени да работат под силно водство на претседателот Трамп за да постигнат траен мир. Тој, исто така, ја изрази својата благодарност за американската помош за Украина во зачувувањето на нејзиниот суверенитет и независност, рече Трамп.

Според Песков, Минск би бил најдоброто место за Русија да преговара за Украина, но оваа опција се уште не е разговаранa.

– Тоа прашање не беше покренато и не се разговараше на ниту еден начин. Но, секако, за нас Минск е најдоброто место – рече Песков, пренесе агенцијата РИА Новости.

Претходно, Лукашенко ги покани Трамп, Зеленски и Путин на преговори во Минск.

Поврзани новости