Се огласи Хантер Бајден по помилувањето од неговиот татко – американскиот претседател Џо Бајден.
„Ги признав и преземав одговорност за моите грешки во најтемните денови на мојата зависност – грешки кои беа искористени за јавно да ме понижат и посрамотат мене и моето семејство поради политиката. И покрај сето ова, јас сум трезен повеќе од пет години поради мојата длабока вера и непоколеблива љубов и поддршката од моето семејство и пријателите“, рече Хантер Бајден.
„Во маката на зависност, потрошив многу можности и предности. Во закрепнувањето, може да ни се даде можност да се поправиме каде што е можно и да ги обновиме нашите животи ако никогаш не ја земеме здраво за готово милоста што ни се пружа.
„Никогаш нема да го земам здраво за готово помилувањето што ми беше дадено и ќе го посветам животот што го изградив за да им помагам на оние кои се уште се болни и страдаат“, рече тој.
Инаку, Хантер Бајден не е првиот човек што неговиот татко го помилува.
Џо Бајден досега одобри помилување за 25 други лица, објави Си-Би-Ес. Повеќето од помилуваните беа обвинети за злосторства поврзани со дрога.
Доналд Трамп ја напушти Белата куќа со вкупно 143 помилувања.
Џо Бајден синоќа соопшти дека го помилувал својот син Хантер, кој чекаше пресуда за случаи на недозволено поседување огнено оружје, лажни изјави при проверка на оружјето, за што претходно бил прогласен за виновен, како и за затајување данок, што тој самиот призна.
Иако Бајден претходно уверуваше дека нема да даде претседателско помилување на неговиот 54-годишен син, сега одлучи да го стори тоа.