Се огласи „Ептиса“: Не сме поврзани со криминални или коруптивни активности

by Fokus

Се огласи фирмата „Ептиса“ која е дел од конзорциумот што го доби тендерот за надзор над изградата на автопатите коридор 8 и коридор 10. Одлуката на Влада да склучи договор со овој конзорциум предизвика реакции во јавноста по објавената информација дека во 2020 година на институциите им било забрането да ја ангажираат оваа фирма од причини што истата неетички, незаконски и несоодветно постапила како надзор во поглед на првата фаза од изградбата на железничката пруга Куманово – Бељаковце. Подоцна забраната била тргната.

Од фирмата велат дека изминатиов период се мета на напади и од медиумите и од дел од политичарите во земјава. Посочуваат дека информациите што се споделуваат се невистинити и неосновани и дека се користат во дневно-политичката агенда во земјата, „со што неоправдано се доведува до дискредитација и поткопување на угледот на „Ептиса“.

„И покрај тоа што веќе беше испратен текст со којшто се демантира сè што беше изнесено во јавноста, компанијата повторно укажува дека изјавите се неточни и целосно ги отфрла.

„Најпрво, нагласуваме дека лицето Бранислав Димитријевиќ и неговата компанија, споменати во контекст на активности во Ерменија, никогаш не биле ангажирани или вработени во „Ептиса“. Договорот во Ерменија го водеше друга консултантска компанија како лидер. Нашата улога во тој проект беше како партнер. Лидерот беше одговорен за спроведување на проектот“, истакнуваат од „Ептиса“.

Во однос на наводите дека Владата претходно донела одлука да не се користат услугите на „Ептиса“, од компанијата укажуваат дека таква одлука не е донесена.

„Напротив, преку Извадок од записник од седницата на Владата заклучува и дава насоки до органите на централната валст да не се користат услугите на Ептиса. Овој заклучок, по писменото барање од страна на Ептиса, а поради правна неоснованост беше повлечен од Владата. Нагласуваме дека компанијата Ептиса работи исклучиво согласно законот, на никој начин не е поврзана со криминални или коруптивни активности и поради тоа не постои, ниту пак се води постапка пред било кој орган во Република Северна Македонија со кој се ограничува или спречува делувањето на Ептиса“, посочуваат од таму.

Додаваат дека во однос на проектот на „Бехтел и Енка“, договорот за надзор го потпиша ИРД, додека „Ептиса“ е само дел од конзорциумот и при реализацијата ќе има мала улога.

Поврзани новости