Се одложи судењето против Слободан Богоевски

by fokus

Се одложи денешното судско рочиште за тужбата на лидерот на ДУИ Али Ахмети и Муса Џафери против ексразузнавачот Слободан Богоевски. Адвокатката Билјана Панова, која беше повикана како сведок одби да сведочи повикуваќи се на нејзиното право на тајност, а нотарот Сашо Клисаровски кој исто така беше повикан на судењето, не дојде – бил на годишен одмор.

Ахмети и Џафери го тужат ексразузнавачот Богоевски за клевета поради неговото сведоштво во судот во Њујорк за случајот „Маѓар Телеком“.

Претходно судот прифати за сведоци да ги повика адвокатката Билјана Панова, нотарот Сашо Клисаровски и преведувачката пред кои наводно е дадена, односно заверена изјавата која била користена за потребите на постапката во САД, па оттука, Ахмети и Џафери ќе докажуваат дека изјавата била дадена во Скопје и за тоа е надлежен скопскиот суд, а не на екстериторија во Амбасадата на САД во Скопје.

Адвокатката Панова се повика на закон и одби да сведочи пред Судот објаснувајќи дека се што било кажано во нејзино присуство мора да го штити, како и правото на клиентот кој сведочел.

Како отштета во овие процеси Ахмети побара 3 милиони денари, а Џафери 2,5 милиони денари.

Рочиштето се одложи за 4 јули, а како сведок Судот ќе го повика и нотарот пред кого Богоевски го дал исказот за можни злоупотреби во случајот „Маѓар Телеком“.

 

Поврзани новости