Се одложи седницата на собраниската Комисијата за труд и социјална политика, на која требаше да бидат разгледани измените на Законот за работните односи.
Со нив се предлага прекувремената работа да може да трае и подолго од 8 часа во текот на една недела и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за работи од национален и стратешки интерес за државата.
Законот предвидува измена со која се овозможува уредување на местото и начинот на исплата на платата на работници на проекти од национален и стратешки интерес.
Политичката партија Левица претходно поднесе 1.111 амандмани за предложените измени на Законот за работните односи.
Оттаму велат дека со овие измени се прави обид неуставно, работната недела од 40 часа се зголемува на 60 часа и работниците да работат и во недела.
Првиот човек на Левица, Димитар Апасиев, на Фејсбук напиша дека власта се плаши од тоа пратеник на Левица да дојде до говорницата, оти не знае каде тоа ќе ги однесе.
„Денешната Комисија за труд – на која планираа да воведат 12 часовно работно време – е одложена! Остануваат 1.111 амандмани на двајцата левичарски маченици“, вели Апасиев.