Колку количини на пченица, сончоглед, јачмен и останати суровини ќе се увезат од соседна Србија ќе зависи од македонските компании и трговците, истакна денеска министерот за земјоделство, шумарство, водостопанство, Љупчо Николовски при посетата на фабриката за производство на масло за јадење „Брилијант“ во Штип.
Очекува следната недела, кога ќе завршат административниот дел и формалностите да почне увозот на лебното зрно и останатите суровини, за кои македонските компании имаат договорено со своите партнери од Србија.
Николовски посочи дека задача на Министерството и на Владата беше да обезбеди да се тргне забраната за извоз на пченица и на останати суровини од страна на Србија.
-Количините кои се неопходни ние ги прегледавме, искомунициравме и одржавме состаноци со сите комори, со сите економско-социјални партнери на Министерството, со сите компании, коишто имаат договори се со цел бидат земени предвид. Договорот којшто е постигнат е дека е отстранета забраната за извоз кон Република Северна Македонија и второ дека ќе се реализираат сите договори меѓу трговските партнери, вели Николовски.