Очекуваме денес да се стави под контрола големиот пожар кој пет дена е активен во близина на Неготино, за „Фокус“ вели кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, кој и денес беше на терен на местото каде голем број на екипи и волонтери се борат со огнената стихија.
Појаснува дека од воздух се гаси со два ер трактори и со три хеликоптери, вкучени се припадници на АРМ и на полицијата, пожарникари од Неготино и Кавадарци, доброволци, но и механизација – булдожери и багери.
Уште од првиот ден на избувнувањето на пожарот, Јанчев е активно вклучен со расположливите ресурси на Општина Кавадарци и секојдневно е на терен.
Неготинскиот градоначалник д-р Горан Стојанов не беше во градот кога избувна пожарот во средата наутро, бидејќи користел годишен одмор.
Вчера накратко го прекина летувањето во Грција и се појави на терен заедно со градоначалникот Јанчев, по што повторно заминал во Грција. Денес пак, го завршил одморот и е присутен на терен, заедно со градоначалникот Јанчев.
Изминативе пет дена, тој немаше јавно обраќање до загрижените граѓани пред камера, и единствено на својот профил ги објавуваше соопштенијата од неготинскиот кризен штаб.
Исто така, за „Фокус“ даде кратка изјава околу можната причина за пожарот и информираше дека уште на првиот ден од започнувањето на пожарот побарал воздушна поддршка за гасење.
Вики Клинчарова