Откако пред една недела институциите потврдија дека ќе се снима игран филм за легендарниот музичар Тоше Проески, како и документарец и ТВ серија, финансирани со 1,5 милиони евра обезбедени од буџетот на Македонија преку Министерството за дигитална трансформација, актуелна тема во јавноста е кој актер би го играл ликот на Тоше.
На социјалните мрежи веќе започнаа да се нижат предлози околу тоа кој актер или пејач би можел најверојодостојно да го пренесе ликот на Проески на малите екрани. Помеѓу предлозите се најдоа Андреј Дориќ (31), пејач од Нови Сад, ликовниот уметник Александар Поповски (32) од Битола и поп пејачот Влатко Лозаноски – Лозано (39).
За Лозано, како што појаснуваат дел од оние кои го предложиле, пресудна била бојата на гласот, сличната физичка градба и тоа што доаѓаат од иста бранша со Тоше, односно искуството и спонтаноста на сцената.
За Андреј Дориќ пак, пишувавме уште пред околу петнаесет години, кога во српските медиуми се објавија негови фотографии од настапи во локали, со наслови дека двојник на Тоше пее низ Србија.
Тогаш, во интервју за ,,Фокус” тој раскажа дека често му се случуваат споредбите со Проески, кои ги доживувал како голем комплимент, а по некое време тој дури и се обиде да гради музичка кариера во Македонија.
Настапи на Охрид Фест во 2012 година и со песната ,,Ладна, безобразна” го освои третото место од жири и од публика. Потоа се посвети на кариерата во неговата земја. И до денес, настапува со својот ,,Бора Бора” бенд, но со текот на годините, неговата физичка сличност со Тоше е намалена.
Александар Поповски пак, е ликовен уметник од Битола, за кого читатели тврдат дека неверојатно личи на Проески. Во минатото тој направил повеќе изложби во негова чест, а како што раскажува за ,,Фокус”, никогаш не го запознал.
-Кога бев помлад, често се случуваше да ми кажат дека личам на Проески, вели Поповски, кому веста дека луѓе го предлагаат да го глуми ликот на Тоше му дошла како големо изненадување.
-Убаво е чувството физички да ве споредуваат со убав човек, но овде се работи за личност која не е споредлива. Сите ние треба да се трудиме да личиме на Тоше во делата и во хуманоста, затоа и сметам дека е огромна одговорност да се глуми неговиот лик пред камери.
За изложбите во чест на Тоше, главна инспирација ми беше верата во Бог, се друго е минливо, вели Александар.
Додава дека доколку навистина добие понуда да го игра ликот на Проески, многу добро и длабоко ќе размислел пред да одлучи било што.
Проектот, односно игран филм, документарец и ТВ серија за Проески, доаѓа по 18 години од неговата смрт, носител на истиот е МРТ и ќе се снимал во наредните две години.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, објави дека согласноста од семејството на Тоше била потврдена, и тие биле подготвени да ја разоткријат неговата приказна.
Од лица вкучени во проектот неофицијално дознаваме дека за сите одлуки, помеѓу кои и изборот на главниот актер, ќе било консултирано семејството на Тоше. Официјално, повеќе детали се очекуваат наредниот период.
Вики Клинчарова