Се напил и се заканувал дека ќе ги убие со секира, притвор за дечкото кој дивееше во свињарска фарма

by fokus

Притвор од 30 дена му е одреден на 26-годишниот Ж.Л. кој завчера вечерта дивееше во свињарска фарма на регионалниот пат Велес-Штип, заканувајќи се дека ќе убие луѓе со секира. Од МВР велат дека бил во алкохолизирана состојба со 2 промили алкохол во крвта.

Претходно Ж.Л. со нож го нападнал 27-годишниот М.Д., нанесувајќи му телесни повреди во пределот на главата. Ж.Л. е осомничен за обид за убиство. Притворот му е одреден поради опасност од повторување на делото.

„Сметајќи дека постојат околностите кои укажуваат на опасност од бегство, влијание врз сведоци и повторување на кривичното дело, Основното јавно обвинителство во Велес до Судијата на претходна постапка на Основен суд Велес поднесе Предлог за определување на притвор против осомничениот, кој е прифатен и на осомничениот му е определена мерка притвор во траење од 30 дена“, велат од Јавното обвинителство.

Според полицијата осомничениот на ден 01.04.2018 година околу 20.30 часот во објект на свињарска фарма со умисла се обидел да лиши од живот едно лице .

„Осомничениот  во состојба на пијанство во која самиот се довел со количина на алкохол во крв од 2 промили, во моментот кога во објектот дошол оштетениот на истиот му се обратил со повеќе пцости упатени до него и неговото семејство. Потоа осомничениот  извадил нож и со него на оштетениот му нанел неколку убоди нанесувајќи му со тоа телесна повреда. Потоа зел од објектот една секира и со истата се упатил кон останатите присутни заканувајќи им се дека ќе ги убие, со што ја загрозил сигурноста на оштетените“, велат од Обвинителство.

 

Поврзани новости