На предлог на министерството за правда, Владата ги прифати предлог – законите за изменување и дополнување на законот за извршување и на законот за нотаријат. Со ова ќе се намалат трошоците на најсиромашните граѓани кои не можат да си ги платат сметките за комунални трошоци и кои земаат мали потрошувачки кредити, соопшти Владата.
Со новите предлог решенија за овие два закона трошоците за нотарските и услугите на извршителите се намалуваат за 50 до 90 отсто, а дури 16 ставки за кои порано постоеја трошоци, со новите тарифи за нотарски и извршителски услуги ќе бидат целосно бесплатни.
-За сметки за парно до 15.000 денари ќе се исклучат трошоците за адвокати, на пример, при постапка од извршители. Извршниот налог од 20 евра сега ќе биде 2 евра. Вкупно се ревидираат 16 ставки од тарифникот на извршителите, од кои некои се намалуваат за 50 отсто, а некои и повеќе од 50 отсто. Наградите се намалени, платни налози за трошоци нема да може да бидат повисоки од 20 отсто од вкупниот долг. Во прашање се илјадници семејства и загрижени граѓани – истакна премиерот Зоран Заев.