Се намалуваат казните за медиумските работници, најави Тупанчески

by Fokus

Слободно новинарство е еднакво на квалитетно новинарство. Слободни и независни медиуми се неопходни за промоција и заштита на демократијата во сите сегменти од општеството, порача министерот за правда Никола Тупанчески по повод Светскиот ден на слобода на медиуми.

Тупанчевски во соопштението до медиумите истакнува дека на граѓаните им се потребни точни, навремени и проверени информации, бидејќи само квалитетно, одговорно и етичко новинарство може да доведе до развој на демократијата, инклузивно и отпорно општество.

Со цел подобрување на состојбата, како што вели Тупанчевски, Министерството за правда преку законските измени за граѓанска одговорност за навреда и клевета ќе овозможи да се гарантира слободата на изразување.

Ова, според министерот за правда, е еден од најлибералните закони во Европа чие второ читање ќе се најде пред пратениците на 5 мај на собраниската Комисија за европски прашања. Клучниот аспект на законот, како што додава, е драстичното намалување на висината на казните на медимските работници за штетата предизвикана со навреда или клевета.

-Казната за новинар од 2000 евра се намалува за износ не поголем од 400 евра. За уредник од 10 000 на 2000 евра додека за правно лице, досегашната казна од 15 000 евра се намалува за износ не поголем од 5000 евра. Пред поднесување на тужба за надоместување на штетата, се воведува право да бара извинување и јавно повлекување на изјавата или содржината за физичкото или правното лице на кое му е причинета штета со навреда или клевета и да презема мерки за ублажување на штетните последици, како и право на реагирање демант, одговор и исправка, појаснува Тупанчевски.

Министерот за правда честитајќи им го  на медиумските работници Светскиот ден на слободата на медиумите им порача дека Владата и во наредниот период ќе се фокусира на подобрување на состојбите во оваа сфера со цел да се овозможи независно, професионално и достоинствено извршување на новинарската професија.

Поврзани новости