Се намалува бројот на заразени, но намалени се и тестирањата

by Fokus

Во последните седум дена бројот на заразени од ковид 19 постепено се намалува, со што веќе пет дена бројките се движат под 1.000 заболени на дневно ниво, покажуваат извештаите на министерството за здравство.

„Регистрирани сe 6.119 нови позитивни случаи од 34 градови во државата, со намалување од 29,2 отсто во однос на минатата недела (n=8.638). Процентот на позитивност се движи од 16,7% до 31,1%, просечно 25,8 отсто“ се наведува во извештајот на Институтот за јавно здравје.

Сепак, тоа не значи дека нешто посебно е намален бројот со оглед на тоа што се намалени и бројот на тестирања кои се прават секојдневно. Па така, во текот на вчерашниот ден се регистрирани 848 случаи, а се направени 3.506 тестови. што значи дека секој четврти е носител на опасниот вирус. Последниот денешен извештај пак, покажува 674 заразени од корона на вкупно 3.156 тестирања.

Исто така, поспецифичен ден е 18 февруари кога се направени само 2.808 теста, а се регистрирани 905 нови случаи, што значи дека тогаш тој ден секој трети бил заразен од ковид 19.

Меѓутоа, и покрај намалениот број на заразени, црните статистики никако не запираат. Единствено последните два дена има починато по 12 пациенти на дневно ниво, што е некое минимално намалување со оглед на тоа што досега за само 24 часа умираа од 20 до 40 пациенти. , Но, денешениот извештај повторно покажува бројка од 21 починат пациент.

И покрај тоа што омикрон варијнатата се смета со полесна клиничка слика, сепак тоа не ја намали смртноста на заболените пациенти од корона, која достигна бројка од речиси 9.000 починати за овие две години.

Микробиологот Никола Пановски во изјава за „Фокус“ тврдеше дека нема логика да биде толку зголемена смртноста, посебно во болнички услови, со оглед на тоа што омикронот се смета за варијанта која поминува многу полесно.

„Тоа што смртноста е толку висока се повеќе ме тера да почнам да се сомневам на несоодветно лекување на дел од пациентите. Незамисливо е во просек во болниците да умираат 55 до 60 отсто од хоспитализираните пациенти од ковид“, тврдеше професорот Пановски.

Досега во земјата се направени вкупно 1.874.917 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 294.407, бројот на оздравени пациенти е 279.695, на починати е 8.937, а бројот на активни случаи изнесува 5.775.

Ирена МУЛАЧКА

 

Поврзани новости