Намалување од 5,4 отсто на дијагностицирани и од 45,5 отсто на починати од КОВИД-19 имало од 28 март до 3 април споредено со претходната седмица. За 13,4 проценти се помалку и хоспитализираните – на болничко лекување во моментов има 71 пациент.
Според најновиот неделен извештај на Институтот за јавно здравје, од 14.873 направени тестови, регистрирани се 1.602 позитивни со коронавирус од 30 градови. Над половината (893 односно 55,7 проценти) се од Скопје. Од вкупниот број потврдени, 272 биле реинфекции, што е зголемување од 1,5 процент. Пријавени биле 12 смртни случаи во осум градови наспроти 22 починати во претходната недела.
Од 28 март до 3 април се регистрирани заболени лица во сите возрасни групи, а најзастапена е над 60 години. Најзабележливо намалување на заболени во споредба со минатата недела има кај возрасната група од 20 до 29 (26,6 отсто).
Во 93,5 отсто од испитуваните примероци била докажана BA.2 сублинијата на омикрон т.е. стелт (stealth).
Заклучно со 3 април, целосно вакцинирани (со две дози) се 853.501 лица, а трета доза примиле 154.693.