Се најавува самит Путин – Бајден

by fokus

Францускиот министер за европски прашања Клемент Бон изјави дека самитот меѓу американскиот и рускиот претседател, Џо Бајден и Владимир Путин, „нема да се случи пред четврток“. Тој ги даде коментарите за француската телевизија LCI.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска треба телефонски да разговара со својот француски колега Жан-Ив Ле Дриан, а в четврток со американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Бон ги опиша овие состаноци како „подготвителни“ за самитот меѓу двајцата претседатели.

– Ќе ја видиме ситуацијата по тие дискусии, истакна францускиот министер.

Путин и Бајден начелно се согласиле на билатерална средба на која ќе разговараат за тензиите околу Украина, по повиците со францускиот претседател Емануел Макрон, вклучително и тричасовната дискусија со Путин, според Бон.

– Дипломатската надеж е обновена од Макрон, нагласи тој.

Кремљ денеска пак соопшти дека е прерано да се организира самит меѓу рускиот лидер Владимир Путин и американскиот претседател Џо Бајден, откако Париз најави можност за средба за смирување на тензиите околу Украина.

-Прерано е да се зборува за какви било конкретни планови за организирање каков било вид самити, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Тој додаде дека не се направени „конкретни планови“ за средба.

Поврзани новости