Се надевам дека нема да се случи поранешни политичари да кренат телефон за да се донесе одлука за одреден предмет во нивна корист, вели американската амбасадорк, Анџела Агелер во интервју за МИА зборувајќи за писмото кое го испрати до извршните и судските органи, а кое предизвика превирања, па дури и смена на претседателот во Судскиот совет.
Смета дека е мошне важно што тоа писмо било испратено до министерот за правда, како и до многу други во Владата, но и до странски амбасадори, бидејќи, како што рече, во Американската Амбасада има многу службеници, кои работат на прашања поврзани со правда.
-Се надевам и ова го посочив во писмото и во рамките на многу јавни разговори, дека јас и тимот од Амбасадата стоиме на располагање за разговори околу овие процеси, со цел она што го инвестираме во оваа земја да им помогне на луѓето во државата и дека нема да се случи поранешни политичари да кренат телефон за да се донесе одлука за одреден предмет во нивна корист, нагласува американската амбасадорка.
Таа кажува дека САД имаат обезбедено повеќе од една милијарда долари за Македонија во изминатите 30 години, наменети за невоена помош, вклучително и за проекти и активности поврзани со медиумите.
Повеќе од половина од таа милијарда била наменета за поддршка на владеење на правото и добро владеење, вклучително и за правосудството. Според нашите проценки, околу 80 проценти од обвинителите и судиите во оваа земја учествувале во една од нашите програми. Кога гледаме на тоа како инвестиција, тогаш повратот на таа инвестиција не е соодветен.
-Бидејќи повторно се сведува на граѓаните на оваа земја, кои заслужуваат правосудство во кое го разбираат процесот, разбираат што се случува и дека не се работи само за ненадејно донесување на одлука некој да биде поставен на позиција за која е целосно неквалификуван без никакво објаснување, вели Агелер.