Претседателот на Синдикатот на културата на Република Македонија Виктор Илиески,во интервју за Фактор зборува за денешните барања што ќе произлезат од протестот на културните работници.
„Станува збор за гушење на културата и културните вредности, со носење на законски регулативи под диктат. Изработени се закони во кои преовладуваат санкционирања, казнувања, дисциплинирања итн. Со сите тие небулозни решенија се уништува креативниот порив на уметниците. Имено, од 2011 до 2015 година, во Законодавниот дом над 60 проценти од законите се донесени по скратена постапка. Во 2014 година изгласани беа обемни измени од Законот за култура без консултација, размена на мислења, јавни дебати со Синдикатот како репрезент на вработените од културата“
Синдикатот на културата на Р. Македонија бара:
-Повлекување на законските измени од 2014 година од Законот за култура
-Преговори за колективен договор со кој ќе се унапреди културата со сите дејности
-Покачување и нивелирање на платите во културата и конечно достоинствен статус на сите вработени во културата.
Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), кој пак вели дека е единствен репрезентативен синдикат во во дејноста култура, јавно реагира за денешниот најавен протест на Синдикатот за култура (СКРМ).
– Констатацијата дека платите во културата биле ниски, ниеден сериозен синдикат никогаш нема да каже дека за било која висина на плати, без разлика во јавниот или приватниот сектор се високи, а тоа не се случува ни во најмоќните економски држави. И СОНК, како единствен репрезентативен синдикат и легитимен преговарач со ресорното Министерство, никогаш не кажал дека платите во културата се доволни и токму затоа толку долго траат преговорите за новиот Колективен договор за културата, кој најавуваме дека многу брзо ќе биде потпишан помеѓу СОНК и Министерството за култура и со кој значајно ќе бидат подобрени платите во културата. Како една од најголемите придобивки со новиот колективен договор е и заедничкиот успех помеѓу министерството и СОНК, со уврдување на каталогот на работни места за целата дејност култура, со кој се внесени сите реално потребни работни места за функционирање на секоја од установите, што значи дека се избришани неверојатно многу измислувани работни места кои немале никаква содржина на работа во дејностите од културата“.
Од СОНК велат дека протестот неизбежно се врзува за политичките состојби во државата и дека целта е на ваков начин, преку манипулација, да придобијат евентуално некои од вработените од установите од културата, или да поколебаат некои од членовите на СОНК.