Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) започна кампања во повеќе градови со која повикуваат да се прекинат преговорите за името. На билборди во Скопје, Битола и Тетово стои прашањето „Кој ви даде право да преговарате за моето име и идентитет?“
Од движењето најавуваат дека кампањата ќе ја прошират и во други градови низ Македонија, а ќе ги испраќаат своите пораки и преку телевизиски и радио реклами, огласи во весници и на интернет, прес-конференции и стотици илјади летоци.
Од организацијата велат дека преговорите се расистички и андимакедонски.
„Специјалниот претставник на ООН, Метју Нимиц, тврди дека не се преговара за македонскиот идентитет, но преку Договорот со Бугарија, Законот за јазици, јавни изјави на македонски, американски и европски политичари гледаме дека се преговара токму за македонското ИМЕ и ИДЕНТИТЕТ, како директен резултат од преговорите за името. ММДЧП повторува дека сегашните граѓани и политичари на некоја земја немаат право да преговараат за вековен национален идентитет“, велат од таму.
Додаваат дека спорот за името е вештачки и дека негативно влијае не сите аспекти од животот во Македонија.
„Преговорите за нашето име се вистинската причина зошто Македонија не е во ЕУ и НАТО. Причината заради која Западот бара од нас да го смениме името е ТОКМУ ТОА ШТО Македонија преговара за името. Нашето име е Македонија. Нашиот идентитет е македонски. ВЕДНАШ ПРЕКИНЕТЕ ГИ ПРЕГОВОРИТЕ ЗА ИМЕТО“, посочуваат од движењето.
Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) активно работи на полето на човекови и национални права на Македонците и другите обесправени народи од своето основање во 1986 година.