Влатко СТОЈАНОВСКИ
По последната тура помилувања од страна на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, кога на списокот се најдоа и високo рангирани лица во водечките нарко-кланови од скопското подземје, се реактуелизираше потребата за носење на нов Закон за помилување, со цел да се намали можноста за ослободување на сериозни криминалци, но и да се избегне ситуација на префрлување на одговорноста од страна на актерите вклучени во постапката кога ќе се случи спорно помилување.
–Во консултации сме со сите засегнати страни за подготовка на нов Закон за помилување со кој ќе се отстранат сите аномалии со кои се соочивме во изминатиот период. Кога ќе биде подготвено новото законско решение, јавноста ќе биде навреме известена – вели во куса изјава за „Фокус“ Игор Филков, актуелен министер за правда.
Пред изборите и промената на власта, токму ресорот правда предложи нов Закон за помилување, кој бил разгледан и утврден на владина седница лани во декември. Според ова законско решение, претседателот на државата може да даде помилување само за казна, а не и за кривично гонење определени лица. При изготвувањето на законот, биле разгледани повеќе компаративни искуства од правните системи во државите членки на ЕУ.
„Причините за донесување на Законот за помилување, произлегуваат од недостатоците и од правните празнини во постојниот закон кои беа лоцирани во неговата практична примена, како и од потребата за попрецизно нормирање на одредени прашања регулирани со предлогот. Она што е важно е што во него има прецизни рокови и докрај се прецизираат ингеренциите на сите засегнати страни што учествуваат во процесот.
Меѓу другото, се врши и терминолошко усогласување на одделни називи и поими. Односно, со овој предлог на закон за помилување се уредуваат поимот и видовите на помилување, дејството на помилувањето, лицата овластени за поднесување молба за помилување, како и постапката и актите на надлежните органи во врска со помилувањето“, објаснија од Министерството за правда, тогаш раководено од Кренар Лога.
Врз тој Закон за помилување една година работела Работна група, која предложила претседателот да не може да помилува по службена должност, туку само по молба на осудениот или неговото семејство. Иако овој закон стигнал и до Собрание, сепак, тој никогаш не беше усвоен. Од проверките што ги извршивме произлегува дека тој стигнал до второ читање, но до изборите не бил изгласан од пратениците.
КОИ СЕ РАЗЛИКИТЕ?
Кои се разликите меѓу сѐ уште актуелниот закон, донесен во далечната 1993 година и изменет и дополнет во 2009 и во 2016 година, и изработениот ама недонесен закон? Според постоечкиот закон, постапката за ослободување од кривично гонење се поведува по молба на осудено лице или службена должност и може да се поведе во секој момент од кривичната постапка. Молбата за помилување се поднесува преку судот што ја изрекол пресудата или преку затворот ако лицето е на издржување затворска казна.
Притоа, членовите 8 и 9 предвидуваат дека во постапката за помилување, судот и другите надлежни може да собираат податоци и известувања потребни за решавање на молбата и од други органи и институции. Судот, пред да ја достави молбата за помилување до Министерството за правда ги проверува фактите и околностите важни за решавање. Министерот по приемот веднаш ги разгледува и другите списи и предлогот го испраќа до претседателот. Со законските измени во 2009 година се додава член според кој се формира и Комисија.
Според законското решение што не беше донесено, молбата се поднесува до Министерството за правда, а доколку е поднесена до друг орган или казнено-поправна установа, тогаш органот или казнено-поправната установа без одлагање ја доставува до Министерството. Осуденото лице што се наоѓа на издржување казна затвор, молбата ја поднесува до Министерството преку казнено-поправната установа.
За постапување по молбата, Министерството од казнено-поправната установа, од судот што ја изрекол пресудата, од судијата што го спроведува извршувањето, од пробацискиот службеник и од други субјекти бара податоци што се релевантни за составување извештај за молбата. Овие органи задолжително, без одлагање, ги доставуваат податоците, кои се од значење за разгледување на молбата. Министерството, во рок од 30 дена по добивање на податоците, ќе изработи извештај…
Дополнително, недонесениот закон предвидувал дека за молбата се составува извештај, кој содржи лични податоци за осуденото лице, законски назив на кривичното дело, податоци за пресудата, за обвинението, за правосилно изречена санкција со наведување на околностите што судот ги зел предвид при изборот на видот и висината на санкцијата… Плус, извештајот треба да содржи и податоци за намалување или замена на санкцијата, амнестија или помилување, надоместокот на штетата предизвикана со кривичното дело…
Но, треба да се потенцира дека овој извештај треба да содржи и податоци за претходна осудуваност (за кои кривични дела, на која санкција…), податоци за други кривични постапки што се во тек, па дури и стручна оценка за личните својства на осуденото лице, стручна проценка за склоноста за повторување на кривичното дело и оценка за тоа во која мерка извршениот дел на казната влијаел врз осуденото лице. Можеби, тоа се клучните елементи што би го намалиле ризикот да се повтори барем несакано или ненамерно помилување на контроверзни лица.
КОЈ БЕШЕ ПОМИЛУВАН?
Што се случи сега? Беа помилувани криминалци со оправдување дека делата што биле разгледувани не биле страшни, иако крајно неумесно е да се релативизира поседувањето пиштол со „само“ неколку куршуми, како и превезување група што учествувала во насилство. Доколку бил донесен новиот закон, надлежните инстанци ќе зеле предвид и други постапки што се воделе за лицата, па дури ќе може да се врши и стручна оценка колкави се шансите да повторување на делото.
Станува збор за помилувања во текот на минатиот месец на 10 осуденици. Од нив, на тројца им се замени извршувањето на затворската казна со условна казна, иако Министерството за правда дало негативна препорака, додека на останатите седуммина им се скратило времетраењето на казната. Оваа одлука е објавена во Службен весник на 22 октомври, но не се наведени информациите за кривичните дела.
Патем, целосен прекин на извршувањето на затворската казна добија и Акиф Равмановски и Шенол Маслани од Арачиново, кои се сметаат за најконтроверзните ликови од листата на помилувани, имајќи предвид дека се работи за лица од скопското подземје, кои биле вклучени во криминални активности, за што мерки презеле и институциите, но долг период наназад пишувале и медиумите. Конкретно, Равмановски е дел од криминалниот клан во подем „Барон“, додека Маслани и неговите браќа се сметаат за блиски до сојузничкиот клан „Беланоца“.
„Почитувана… бескрајна благодарност до вас! Се гордеам што токму вие сте нашата Прва дама на Републиката!“, напиша Равмановски на социјалните мрежи, откако доби помилување од Сиљановска. Сепак, неговата радост траеше кратко, бидејќи веднаш по излегувањето на слобода беше уапсен како осомничен за обид за убиство во Чаир врз лице од конкурентскиот клан „Грчец“. Да биде иронијата поголема, тој се сомничи дека делото го извршил додека активно издржувал затворска казна, но излегувал од затвор поради работен ангажиран?!
Што се однесува до Маслани, тој во 2019 година беше уапсен во голема акција, кога полицијата заплени пушки, пиштоли, автомобили, пари и дрога. Тогаш, полицијата се сомневаше дека тој е еден од 12-члената група што се заканувала на полициски службеник, пуштала во промет дрога и поседувала оружје, но против него не беше поднесена кривична пријава. Набргу откако беше помилуван, како што известија дел од медиумите, неговиот брат Фарук Маслани учествувал во огнена престрелка во Арачиново?!
Нивниот трет брат е Шенаси Маслани, познат како Шенки Версаче, поради тоа што негов омилен моден бренд е Версаче. На социјалните мрежи, а понекогаш и по порталите, тој отворено го промовира луксузниот стил и начин на живот, често може да се види сликан покрај пари, автомобили и вили, како и на разни забави. Тројцата браќа Маслани се во роднинска врска со Фатљум Ајети-Тоте од кланот „Беланоца“, кој своевремено го основал неговиот татко Џеладин Ајети-Џељо, а по неговата смрт го предводел Наим Ајети – брат на Џељо и чичко на Тоте.
„ИНТЕРЕСНИ“ ЛИКОВИ
По реакциите во јавноста, Сиљановска прво се огласи преку изјава за „ТВ 21“, каде што рече дека помилуваните личности се „навистина интересни во негативна смисла на зборот“. Притоа, таа се правдаше дека за тој факт станала свесна по помилувањата што ги извршила на предлог на Комисијата за помилување. Како што објаснуваше, помилувањата биле извршени врз основа на стореното дело, а не врз основа на имиња и презимиња.
– Се водев од тоа дека во првиот случај, не го знам ни името како беше да бидам искрена, пресудата е 1 година и 3 месеци и делото се однесува на неовластено поседување оружје и на 5 куршуми. Тоа е делото. Кај вториот случај се работи за дело кое е врзано со насилство или на некоја наплатна станица некоја тепачка и казната е 6 месеци. Веројатно тие се воделе од ова. Да, личностите се навистина интересни во негативна смисла на зборот, тоа е факт и сега го гледам јас тоа, но јас велам дека тие се воделе од конкретните дела – рече Сиљановска.
На крајот, Комисијата поднесе колективна оставка од етички причини, па Сиљановска избра нова. Но, тоа не ги затвори отворените прашања, пред сѐ – каде лежи вината за спорните помилувања? Дали одговорноста е индивидуална, колективна или, пак, можеби системска? Колку е политички коректно и пристојно сите вклучени да бегаат од одговорност, кога дел од нив, при иста ситуација ама обратни улоги, го критикуваа Стево Пендаровски за помилувањето на уште еден член на „Барон“, Бедри Зекири?
„Дали го помилувавте Бедри Зекири“, праша Сиљановска во еден од предизборните дуели со Пендаровски, кој, пак, одговори дека не го помилувал за нарко-трафикантство, туку за учество во тепачка. „Немојте ве молам“, изреагира Сиљановска за аргументите на Пендаровски, кој тогаш практично презентираше безмалку исто образложение како сега Сиљановска, кое се сведува на тезата дека одлуката е законска и таа е донесена врз основа на делото, без да се има во предвид целиот бекграунд на лицето.
Во меѓувреме, Сиљановска се појави и на интервју на МРТВ, каде што посочи дека сега најважно е новата Комисија да ги свика членовите на сите претходни комисии за помилувања за да ги чуе нивните забелешки, искуства и предлози. Според неа, Законот за помилување е многу дефектен по укинувањето на одредени членови од страна на Уставниот суд, па, како што посочува, потребен е европски закон, со цел комисијата да може да го преземе товарот на одлучувањето.
-Не може од Комисијата да ѕвонат во Судот и да бараат дополнителни докази. Доказите ги обезбедува и фактите ги проверува Судот, а не Комисијата. Јас не можам да проверувам јавувајќи се во Судот, тоа е мешање во независно судство. Не може да проверувам јавувајќи се во АНБ или во АР, бидејќи немам таква надлежност. Нам ни треба закон кога точно ќе се утврди кој како и што прави. Најголема опасност за овој процес е да се политизира или партизира – рече претседателката.
ПОМЕЃУ ЗБОРОВИТЕ И ДЕЛАТА
На неодамнешниот брифинг со новинарите, ја прашавме Сиљановска за 2 аспекти во контекст на помилувањето. Прво, кога вели дека постоечкиот закон е дефектен, како, според неа, треба да изгледа новиот закон во делот на процедурата и слично, со цел да не се повторат спорни помилувања, а доколку се повторат, да има јасна одговорност наместо сите да си ја префрлаат топката еден кон друг?
Таа повтори дека Комисијата за помилување носи одлуки врз основа на документација за утврдени лица од страна на затворските управи, при што главниот збор го имаат надлежните судови, кои практично ги дефинираат досиејата за осудениците, а извршната не смее да се меша во судската власт. Врз основа на тие досиеја, Комисијата дава предлог до претседателката на државата, која ја носи одлуката, така што, нагласува претседателката, никој нема законска основа да се става во улога на истражител и да бара дополнителни податоци од МВР, АНБ или од други институции.
Паралелно со тоа, се обративме и до МВР со прашање дали, т.е. по кој основ Равмановски и Маслани фигурираат во евиденцијата на МВР? Односно, колку пати досега тие биле лишени од слобода и зошто, како и колку кривични пријави се поднесени против нив и поради кои причини? И, дали МВР ги третирала и истражувала посочените лица како дел од организирани криминални групи и кланови, и ако е така – за кои групи станува збор?
Од таму добивме кус одговор согласно Законот за кривична постапка, сите дејствија преземени од полицијата во предистражна постапка се сметаат за тајна, имајќи предвид дека не располагаат со податоци за правосилност на кривични пријави. Со други зборови, од таму не велат дека не постапувале кон наведените лица, туку едноставно не даваат информации, повикувајќи се на законска одредба за тајност. Нема одговор на делот дали тие се третираат како дел од организирани криминални групи.
Како второ, ја прашавме Сиљановска и за една друга димензија – колку помилувањето на осуденици од ваков калибар е компатибилно со нејзините предизборни заложби за правна држава и владеење на правото, за правда и морал? Во однос на тоа, таа одговори дека одлуките за помилување на осуденици и таканаречената „милост“ не се судира со нејзините заложби за правна држава и владеење на правото. Таа уверува дека никогаш нема да отстапи од овие заложби.
Додека претседателката нагласува дека постоечкиот закон е дефектен, а од ресорното Министерство посочуваат дека течат консултации во насока на изработка на ново законско решение со кое „ќе се отстранат сите аномалии со кои се соочивме во изминатиот период“, наскоро треба да дојде нова рунда на помилување, па ќе видиме дали и овојпат на листата на помилувани повторно ќе осамнат луѓе кои се „интересни во негативна смисла на зборот“.