Инспектори од Државниот здравствен и санитарен инспекторат од утринава вршат инспекциски надзор во болницата Козле и Детската клиника во Скопје, откако завчера почина 14 месечно дете, а претходно неговите родители барале да биде хоспитализирано, но не е примено на Детската клиника во Скопје, потврди денеска министерот за здравство, Арбен Таравари.
Тој истакна дека утринава имал состанок со директорот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат.
– Првиот состанок утрово беше со директорот, екипата веќе е на терен. Комисијата веќе е формирана и се наоѓа на работа, на терен за да ги испита сите факти и аргументи, изјави Таравари.
Потврди дека инспекторите на ДЗСИ и на Комисијата која е формирана од негова страна веќе од 9 часот се во двете болници во Скопје.
Таравари вчера потврди дека детето кое почина на Детската клиника претходно било одбиено да се хоспитализира и истакна „некој мора да сноси одговорност кога има вакви трагични случаи во здравствениот систем“.