Здравствените власти испитуваат дали коронавирусот се вратил кај пациент од Куманово кој еднаш бил излекуван, информираше денеска министерот за здравство Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање.
„Има еден случај којшто треба да се потврди во Куманово, но во светот има веќе такви потврдени случаи. На што се должи тоа, сега во овој момент науката сѐ уште не одговорила со сигурност. Има некои иницијални докази дека станува збор за некаква форма на мутација на вирусот. Каква е таа форма, дали е силно или послабо изразена, сѐ уште нема докази“, рече Филипче.
Коментирајќи го растот на новозаболени, Филипче рече дека тоа се должи на непочитувањето на мерките за заштита.
„Многу е важно граѓаните да сфатат дека мора да носат маски и да држат дистанца“, истакна министерот за здравство.