Се ископува трупот на „боинг 737 макс 8“, се трага по црната кутија

by fokus

Кинеското цивилно воздухопловство им нареди на сите авио-компании привремено да ги забранат летовите на авионот „боинг 737 макс 8“. Во меѓувреме продолжува потрагата по црната кутија откако се сруши авионот на „Етиопијан ерлајнс“, при што загинаа 157 луѓе.

Оваа одлука следи бидејќи за само пет месеци паднаа два авиони од истата марка. Во октомври 189 луѓе починаа откако „боинг“ падна во океан во близина на обалата на Индонезија.

„Имајќи ги предвид сличностите на двата инциденти, во коишто учествуваа новоиспорачаните авиони „боинг 737 макс 8“, донесовме одлука да ги суспендираме сите авиони од овој тип“, соопшти Кинеската агенција за цивилен воздушен сообраќај.

Се огласија од компанијата Боинг. Од таму соопштија дека во моментов нема основ за издавање на нови насоки и дека истрагата за падот на авионот е во тек.

Етиопскиот патнички авион се сруши во неделата наутро, шест минути од полетувањето на аеродромот во Адис Абеба.

Ударот во земја предизвика експлозија, што пак создаде огромен кратер. Крилата на авионот се распаднати и распрскани на сите страни. Трупот на авионот, пак, е под земја, а спасувачките екипи вчера го ископуваа за да се направат анализи како би се утврдило што е причината за трагичната несреќа.

Како што соопштија од „Етиопијан ерлајнс“ во несреќата починаа сите луѓе кои биле во авионот, 149 патници и осум членови на екипажот. Меѓу патниците, 19 работеле за Обединетите нации, поради што знамињата на ОН деновиве се спуштени на пола копје.

На конференција за медиумите беше соопштено дека веднаш штом полетал авионот, пилотот пријавил дека има технички проблеми и побарал итно враќање на аеродромот од каде полетал.

Поврзани новости