Се иницира промена на Законот за здравственото осигурување за лекување во странство: Да се цени секој случај индивидуално

by Fokus

Се иницира промена на Законот за здравственото осигурување и одредбите од Правилникот за начинот на користење на болничкото лекување на осигурените лица во странство.

Ова го најавија од кај Народниот правобранител откако на Леонид Индов му беше одбиено барањето за рехабилитација во Виена од страна на ФЗО.

„Со неа превидуваме измени на законот и на подзаконските акти, особено на подзаконските акти на ФЗО кои што се застарени. Измените би биле во насока на тоа да се цени секој случај индивидуално. Значи не може да се категоризираат предметите само според тоа дали станува збор за лекување или рехабилитација. Особено кога станува збор за животно загрозувачка состојба на пациентите“, рече денеска заменик народниот правобранител – Јован Андоновски.

Од ФЗО минатата недела соопштија дека непотполното конзилијарно мислење на „Тоарилуц“ е причина што Првостепената комисија го одбила барањето на семејството на Леонид.
Оттаму најавија дека ќе почекаат дополнително образложение од „Тоарилуц“ за што конкретно треба да му се направи на пациентот, па ќе ја преиспитаат својата одлука.

Андоновски додава ова не е единствениот ваков случај, каде ФЗО потфрлил.

„Станува збор за дузина случаи со кои што ФЗО не им овозможува соодветен третман и со тоа нивната состојба или останува иста или за жал се влошува“ – посочува Андоновски.

Таткото на Леонид, Бранко Индов најави дека деновиве ќе поднесе жалба на одлуката на првостепената комисија на ФЗО.

Поврзани новости