Се формираат групи преку кои се бара правда за првоосомничениот Љупча Палевски-Палчо, кој според институциите е организатор и извршител на убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски. Една таква скандалозна група, која бара правда за Палевски е Правда за Палчо, правда за Вања, правда за Панче, правда за Македонија.
Групата е создадена вчера наутро и во неа има неколку објави, во кои Палчо се опишува како „вистински македонски патриот“.
– Сите ние кои лично го познаваме Палчо, знаеме дека тој беше невино обвинет за грозоморното и монструозно убиство на Вања. Знаеме дека заедно со некои негови најблиски соработници им беше формиран случај во кој брутално ги жртвуваа животите на децата. На детето му ја одземаа младоста, радоста што му ја носи животот, потомството, среќата да се биде близок со саканите, другарите и пријателите… Создадоа непријателско и насилно јавно мислење, создадоа потенцијални чудовишта кои се подготвени да го распарчат невиниот обвинет Палчо, како што би направил најкрвожедниот волк. Потенцијалните чудовишта ќе им го направат истото на сите познаници и колеги на Палчо. Почитувани Македонци, драги сограѓани, драги пријатели и непријатели, ве молам не спуштајте ги главите, само така ќе можеме да се избориме за вистината, да ги најдеме вистинските чудовишта кои ги убија Вања и Панче. Само така ќе можеме да дознаеме кои се идеолозите, организаторите и извршителите на овие грозоморни, брутални и политички убиства – стои во објавата на групата.
На профилот на администраторот нема објави, но има 349 пријатели. Меѓу нив го нема профилот на Љупчо Палевски Палчо. Освен што бараат правда за Палчо, групата не ги споменува имињата на ниту еден друг обвинет, иако сите работеле во партијата „Десна“.