747
Министерот за надворешни работи Бујар Османи иницирал итна процедура за формирање работна група која треба да изврши првична итна ревизија на состојбите со сертификатите и документацијата со цел да се утврди дали постои одредена иманентна закана за сигурноста и доверливоста на куќата, особено закана која е поврзана со предметниот случај, со приведениот македонски дипломат.
Ова е еден од чекорите, што тој ги презел во врска со случајот, а за кои информираше преку Фејсбук статус.
Во статусот ги наведува, како што вели, итните мерки што досега ги презел во врска со овој случај.
Како прво, вели Османи, согласно законските можности, на приведениот вработен му е ставен работниот однос во мирување и повлечен е од неговите задолженија во мисијата во ОБСЕ.
Како второ ја наведува итната процедура за формирање на работната група. Како трето наведува дека работната група ќе добие и задолжение да оствари меѓуресорска соработка со правосудните служби и службите за безбедност, со цел да се подготви план за вонреден ветинг на дипломатијата. Оваа работна група, додава Османи, ќе треба да ја оформи и меѓуресорската Комисија која ќе ѝ биде предложена на Владата, која, пак, ќе треба да го спроведе вонредниот ветинг преку процесите на сертификација и дополнителна безбедносна проверка.
-Четврто, ќе побарам од сите раководни позиции, директори и раководители на сензитивни позиции, задолжително да ја поминат процедурата на најстрог ветинг, преку системот на НАТО сертификати. Овој процес планирам да го направам задолжителен и во системот на пополнување амбасадорски места, истакнува министерот за надворешни работи.
Тој изразува загриженост и вознемиреност поради последниот случај со приведувањето на вработениот во МНР во друга земја, поради потерница, која ја побарала трета земја.
-Сакам да изразам крајна загриженост и вознемиреност поради последниот случај со приведувањето во друга земја на еден вработен во Министерството за надворешни работи, поради потерница која ја побарала трета земја. Тоа не само што предизвикува непредвидливост во работата на дипломатијата, туку ја разнишува довербата и авторитетот на куќата, напиша Османи на Фејсбук.