„Демократски фронт – пркос“ е називот на новата политичка партија што е во процес на формирање од страна на поранешни функционери на повеќе политички партии, учесници во Шарената револуција, досега партиски неактивни граѓани. Како што велат од Иницијативниот одбор, станува збор за „луѓе посветени на борбата за праведно општество и на јавниот интерес, за подобра економија и правда, здравство, образование…“. За нас, истакнуваат од таму, партијата е инструмент преку кој можеме полесно да учествуваме во политичките процеси.
„Незадоволни од политичката и економската ситуација, тргнуваме во формирање на политичка партија, затоа што сметаме дека за Македонија ова е минута до дванаесет. Големата емиграција на млади луѓе, растечката неедкаквост и политичката корупција се трајно наследство од владејачките политички партии. Повеќе немаме волја ниту време за политичари кои со години ги уништуваат општеството и државата и не нудат никаква визија“, велат од Иницијативниот одбор за формирање на Демократски фронт.
Од таму сметаат дека промените се можни преку вклучување на граѓаните во носењето на политичките одлуки и во креирањето на политиките. Притоа, најавуваат дека нивната цел е изградба на поширок политички фронт. Кадрите што ќе бидат дел од партиското раководство и органи, како што посочуваат, ќе ги откријат во следниот период.