Се чувствувам должен кон ветувањето за преговори до крајот на годината, вели германскиот министер Рот 

by fokus

Како уверен Европеец, секогаш останувам оптимист. Дадовме ветување дека во текот на нашето претседателство со Советот ќе се потрудиме да добиеме зелено светло за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија. И јас се чувствувам должен кон ова ветување. Преговорите не се неуспешни, но треба уште многу да се направи, вели германскиот министер за Европа Михаел Рот во заедничкото интервју за „Велт“ со вицепремиерт за европски прашања Никола Димитров.

-На состанокот на Советот на министри речиси сите делегации уште еднаш ставија до знаење дека билатералните теми помеѓу две земји би требало и таму да останат. И дека сега треба да се фокусираме на централните прашања кои се важни за започнување на пристапните преговори. Ова мора да се направи затоа што нам итно ни е потребен позитивен сигнал за Западен Балкан. Мора да признаеме дека Северна Македонија и Албанија во последниве години постигнаа извонредни резултати. Северна Македонија запиша историја со Договорот за пријателство со Бугарија, но и со решавањето на спорот за името со Грција, кој траеше речиси 30 години. Тоа сега треба и да се награди, вели Рот запрашан каде го гледа решението за бугарското вето на пристапните преговори на С Македонија со ЕУ.

Според вицепремиерот Димитров блокадата на Бугарија која претходно ги поддржуваше пристапните преговори за земјава, не е изненадување туку е разочарувачка. Тој појаснува како дојде до спорот, но говори и за значењето на Договорот за пријателство како механиза, за расправа за овие теми, на кои ќе работат историчари од двете земји.

-Јас сметам дека не е воопшто продуктивно политичарите да расправаат околу историски прашања. Ние сме регион со богата историја, но досега не успеавме на помладата генерација да ѝ понудиме доволно перспективи за во иднина. Оттука, идејата беше: да ги оставиме историчарите да расправаат околу историјата – а ние да се погрижиме за најважните прашања за моментов и за во иднина. Што значи не бевме изненадени, но сме разочарани. Европската Унија, врз основа на Договорот од Лисабон, е Унија која ја почитува културната и јазичната разноликост. И навистина е тешко да им се објасни на граѓаните на Република Северна Македонија како дојде до тоа, нивниот јазик, македонскиот јазик, да биде пречка за пристап кон една заедница која ја цени јазичната разноликост како особено богатство. А, исто така, тешко е да се објасни и тоа зошто јазикот претставува пречка на патот кон добрососедските односи, кои патем треба да се засноваат на меѓусебна почит, вели тој.

Поврзани новости