Месец ипол по завршување на теренскиот дел од пописот, во тек е обработката на податоците и вкрстување на базите на податоци. Рокот за обработка и објавување на конечните резултати е шест месеци, односно 31 март 2022 година.
Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски во изјава за „Фокус“ вели дека процесот на обработка на податоците оди во најдобар ред и нема никакви проблеми.
Се е во ред сега за сега и очекуваме да нема никакви проблеми и во предвидениот рок да завршиме со истата и да објавиме со податоци.
Не би сакале да излегуваме со такви изјави, а ако случајно заврпиме порано, нема да чекаме ни ден и ќе ги објавиме податоците. Премногу е рано да кажуваме, вели Симовски.
Во однос на тоа дали во досегашната обработка се забележани случаи на двојно попишување, Симовски објаснува дека има работи што не само што се очекувани, туку што се знаело дека ќе се случат.
Да, ќе има преклопување, ќе има двојно попишување, но тоа е нормална работа. Сето тоа ќе се исчисти и ќе излеземе со конкретни податоци, вели Симовски.
Од Државниот завод за статистика велат дека во однос на прашањето за процентот на обработени податоци досега, не можат да дадат одговор, бидејќи фазите на обработката се така дизајнирани што во континуитет се работи на целата база на податоци, прибрани со теренските активности и од самопопишувањето од странство.
Катерина Смилева Божиновска