Министерството за надворешни работи соопшти дека петмина македонски државјани кои се наоѓаат во Газа, побарале да се вратат во земјава.
Оттаму додаваат дека покрај брачниот пар, за кој информираа претходно дека се наоѓаат во Газа, во меѓувреме нашата Амбасада во Каиро е контактирана од семејство – татко и две деца, сите македонски државјани.
„За децата се обезбедени документи за нивно враќање во Северна Македонија, а од надлежните институции во Каиро и Тел Авив добиена е информација дека сите пет државјани се ставени на листата за евакуација, за што се чека одлука за отворање на граничниот премин Рафах. Исто така информираме дека двете Амбасади на Северна Македонија, во Каиро и Тел Авив, се во постојана комуникација со сите наши државјани, кои во моментот се на безбедно“ се наведува во соопштението од МНР.
Отворањето на граничниот премин, како што наведуваат, е условено со состојбите на терен и во моментот граничниот премин е затворен.
Во меѓувреме се работи на идентификување и прибирање податоци за евентуално други наши државјани кои би можеле да бидат затекнати во Газа, за што можат да се обратат на контактите: СОС телефони на МНР – 075/ 273- 732 и 075/268-736, дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив +972-54-926-7378 и дежурниот телефон на Амбасадата во Каиро +201033615542.