Граѓаните треба да ги почитуваат препораките за заштита од коронавирусот, а тие кои имаат симптоми да се јават на телефонските броеви на здравствени служби. Дел од препораките опфаќаат задолжително и често миење на рацете со сапун и вода и тогаш кога не се видливо нечисти или да се користи чистач за раце што содржи алкохол, а при кашлање или кивање да се заштитат устата и носот со марамче или со дланката. По употребата марамчињата да се фрлаат во затворени канти, а при кашлање или кивање, како и при грижа за болни, задолжително да се мијат рацете…
Засега единствена заразена со коронавирус е веќе хоспитализираната пациентка на Клиниката за инфективни болести во Скопје, која со комбе допатува од Милано во државава. Таа се чувствува добро, и според лекарите, како што информираше министерот за здравство Венко Филипче, веќе влегува во фаза на оздравување.
Во соба за изолација во Општата болница во Струмица од вчера е возачот на комбето со кое допатува од Италија заразената, а кој сам пријавил дека има симптоми на кашлица и болки во градите.
– Земени се материјали за анализа и тие во следните часови ќе бидат изработени во лабораторија во Скопје, по што ќе ја информираме јавноста. Тој бил сам дома, немал контакти ниту со семејството и сам ја контактираше нашата служба. Кога ќе стигнат резултатите ќе одлучиме каде ќе се лекува. Доколку резултатот е негативен ќе продолжи да се лекува во Инфективното одделение таму, не во изолација, а доколку е позитивен ќе се префрли во Инфективната клиника во Скопје, истакна Филипче.
Единаесет лица од кои две деца кои биле во контакт со пациентката која е на Инфективната клиника, се во домашна изолација. Извршени беа тестирања за коронавирус на неколку луѓе, вратени од Италија, чии резултати беа негативни.
Останува во сила препораката компаниите и институциите да не им дозволуваат на оние вработени кои периодов биле во Италија, да доаѓаат на работа бидејќи тие прво мора да минат 14 дена во домашна изолација – период колку што трае инкубацијата на вирусот, како и препораката да не се патува во земјите каде има епидемија, без некоја поголема потреба.
Владата вчера препорача откажување на поголемите јавни собири, спортски настани и забавни и културно-уметнички манифестации до 6 март со цел превенција на ширење на коронавирусот.
Препораката на Владата се однесува на поголемите јавни собири кои се планирани во овој период, како што се Струмичкиот карневал, Карневалот „Прочка“ во Прилеп“ и сите слични. Владата им препорачува на организаторите на спортските настани, натпреварите во утврдениот период до 6 март да се играат без публика. Истата препорака на Влада се однесува и на сите други поголеми забавни и културно-уметнички манифестации, соопшти владината прес-служба.
Владата препорача сите организатори на други јавни настани своите одлуки да ги донесуваат врз основа на консултација и мислење на Комисијата за заразни болести, а ги задолжи Пазарната инспекција и Агенцијата за лекови и медицински средства да направат увид и контрола на залихите на заштитните средства за заштита од пренесувањето на вирусот во аптеките и доколку утврди неосновано зголемување на цените да преземе мерки соодветно за законските прописи и овластувања.