Се ближи Попова Шапка Фест – Баталете политика, удрете на спорт

by fokus

Лазе Миновски од Скопје, кој што со својот тим од ,,Пробајк,, е организатор на фестивалот ,,Попова Шапка,, кој што ќе се одржи на 26, 27 и 28 август, порачува  – ,,Македонците повеќе да се занимаваат со спорт, а помалку со политика. Само така ќе ја исфрлат негативната енергија и ќе имаат поздрав и поисполнет живот. Затоа сите оние на кои што им е смачено од политика, ги повикувам на незаборавно дружење на Попова Шапка за време на викендот,,.

Во склоп на фестивалот ќе се одржат натпревари во планинско трчање и планински велосипедски тури. Предвидени се активности за рекреативците, но и за професионалците. Покрај спортските активности, учесниците ќе можат да уживаат во кампување, во музичкиот дел од фестивалот за кој што се ангажирани диџеи, и во меѓусебна дружба. Се очекуваат стотици гости од повеќе земји од светот, а за најдобрите се обезбедени и парични награди.

,,Целта на манифестацијата е организирање на рекреативен настан и натпреварувачки меѓународен карактер – велосипедска трка со учество на лиценцирани и нелиценцирани велосипедисти од Р.Македонија и од поширокото соседство,односно од Балканот и Европа. Велосипедските трки се состојат од XC трка- Cross country race (првиот ден) и XC маратон (вториот ден), како и трка за атлетичари – планинско трчање. Манифестација од ваков вид првпат беше одржана во јули 2010 год, на Попова Шапка. Уште од првата година нашиот фестивал е меѓународен каде беа присутни гости од Бугарија, Србија, Црна Гора и Косово. Во годината што следуваше беше присутен и гостин од Белгија, кој што победуваше два пати по ред на маратонот во Попова Шапка Одржувањето на оваа манифестација се повеќе зема замав така да интересот се зголемува од година во година и затоа воведуваме нова дисциплина планинско трчање која што е исто така со меѓународен карактер,, – вели Миновски. Тој додава дека оваа година се очекува учество на што повеќе домашни и странски велосипедисти, натпреварувачи и атлетичари, присуство на рекреативни велосипедисти како и посетители. Организатор на овој фестивал е Продавницата за велосипеди и велосипедска опрема ПРОБАЈК а како поддршка за организирање на целиот евент се УСАИД, ЈАНА вода, Електростопанство на Р.М ЕЛЕМ, КОНАК, TOYOTA, ENZORIVA, ВИТАМИНКА, АЛКАЛОИД и Велосипедската федерација на Македонија, Попова шапка ски ресорт и многу други.

,,Целиот тридневен настан има голем бенефит. Велосипедизмот во природа е од непроценливо значење за релаксирање и сожитие со природата, подигнување на свеста кај населението за ваков тип на спортски активности, а се води грижа за превенција на сопственото ментално и физичко здравје и подигање на еколошката свест кај сите нас,, – изјави Миновски, уште еднаш повикувајќи ги сите заинтересирани да се пријават.

Вики Клинчарова

Поврзани новости