Се бараат нови безбедносни коридори за евакуација на македонски граѓани од Украина

by fokus

Македонски граѓани кои се уште се наоѓаат во Украина се евакуираат преку безбедни коридори. Од Министерството за надворешни работи апелираат сите македонски државјани кои се уште не оставиле свои податоци, веднаш да се јават на телефонскиот број +389 75 273 732, кој е постојано активен и да остават прецизни податоци за нивната локација и состојба.

Вчера, две семејства од Одеса преку коридор обезбеден во координација со Владата на Бугарија се евакуирани, а шест други македонски граѓани се наоѓаат на безбедно во Молдавија од каде треба да продолжат кон Бугарија, а оттаму кон земјава.

-Активностите продолжуваат, се прават сите напори за да бидат евакирани сите граѓани кои ќе побараат помош, напиша вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи на „Фејсбук“.

Од МНР апелираат оние македонски граѓани, кои се во можност, да се упатат кон Одеса и да се јават во просториите на Генералниот конзулат на Бугарија од каде се уште има активни коридори за евакуација.

Остварена е соработка и со властите на Романија и Унгарија и се апелира до граѓаните, кои се во можност, да се упатат во западниот дел на Украина, кон конзулатите на Романија во Солотвино и Чернаути, како и кон конзулатите на Унгарија во Узгород, Берегове и Мукачево.

На овие локации, како што соопшти вчера МНР, ќе им биде пружена дополнителна помош и асистенција во насока на нивна евакуација од Украина кон овие земји.

– Во постојан контакт сме и со властите во Молдавија, од каде исто така имаме добиено потврда за вклучување на нашите државјани во евентуалните нивни коридори за евакуација, информираше МНР.

Оттаму посочија дека се прават напори да се обезбедат и други безбедносни коридори за евакуација на наши државјани за што дополнително ќе информираат.

Во саботата беа евакуирани и македонските дипломати од Киев и беше почнат процес за евакуација на 30 наши монитори во рамки на Специјалната мониторинг мисија. Дел од нив беа упатени кон Молдавија, а дел кон Полска.

– Одлука за евакуација на нашите дипломати имаме донесено на денот на руската агресија во Украина, но поради отежнатите околности тие не беа во состојба да ја напуштат Амбасадата. Целиот овој период беа во скривница. Потоа преземавме неколку координации со наши партнери и успеавме пред половина час да ги извлечеме нашите дипломати преку безбедносен коридор и тие се веќе тргнати кон Молдавија, изјави шефот на македонската дипломатија Бујар Османи во саботата.

Поврзани новости