Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе предлог за определување мерка притвор против 36-годишна државјанка на Република Турција против која е поведена постапка за кривично дело – Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста од член 383 став 1 од Кривичниот законик.
Како што информираат од Обвинителство, странската државјанка, вчера пристигнала на Меѓународниот аеродром Скопје со лет од Истанбул, но при пасошка контрола било констатирано дека не исполнува општи услови за влез во државата.
„Полициски службеници ја упатиле во меѓузоната на аеродромот за да го чека следниот лет за враќање во Истанбул. Меѓутоа, таа станала агресивна, започнала да се заканува на аеродромското обезбедување, фрлала со столици, по што неколку полициски службеници морале да интервенираат. Осомничената продолжила и нив да им се заканува и да ги навредува, а еден полицаец физички го нападнала и го удрила“ се вели во соопштението на ОЈО.
Од таму велат дека предлогот за определување мерка притвор е поднесен поради опасност од бегство.