Нови шест милиони евра од денеска им се достапни на компаниите за бескаматни кредити за надминување на состојбата предизвикана од корона вирусот и заштита на ликвидноста и работните места. Како интервентен сет на мерки на стопанството наскоро ќе му бидат достапни околу 100 милиони евра за таа намена, најави денеска министерката за финансии Нина Ангеловска.
Таа додава дека се во преговори со Европската инвестициска банка за дополнителни 50 милиони евра што ќе им бидат достапни на компаниите за бескаматни кредити. Преку мерката ослободување од плаќање на аконтации од данокот на добивка за сите погодени компани, како што рече, во наредните три месеца ќе се ослободат околу 10 милиони евра, со субвенционирањето на 50 отсто од придонесите околу 20 милиони евра, преку бескаматните кредити ќе им се достапни уште шеесетина милиони евра.
Министерката најави и дека се прават напори за ослобoдување на граѓаните од ратите за кредити за наредните три месеци.
„Комитетот за финансиска стабилност денеска има состанок на кој ќе се разговара со комерцијалните банки за носење на одлуката за одлагање на плаќањето на ратите за кредитите и за граѓаните и за погодените компании. Треба да најдеме начин кога граѓаните ќе почнат да ги плаќаат ратите, а тоа да не биде тоа преку нарушување на финасиската стабилност“ – додава Ангеловска.